Собраниската Комисија за финансирање и буџет денеска ќе го одржи последниот ден од општата расправа за Предлог-буџетот за идната година, а утре треба да почне амандманската расправа која се очекува да заврши в среда. За предлог-буџетот опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 220 амандмани. Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите активности по автобуската несреќа во која според последните информации загинаа 44 лица. Откако ќе биде вратен во Собрание, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расправата трае пет дена. Сите пратенички групи во Парламентот се согласни дека буџетот треба да се донесе пред крајот на годината. Дури и најавите за формирање на нова влада, како што велат, нема да го променат ставот дека Буџетот треба да се донесе.
Буџетот прв тест за функционалноста на Собранието
Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ оценија дека предлог-буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци, но и дека ќе следи ребаланс во првиот квартал. Од владејачката СДСМ порачаа дека Буџетот е креиран врз основа на очекуваните економски придвижувања и има развојна компонента. Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека наредната година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит.