Бугарски обвинители во Скопје за ДНК профили од роднини на настраданите во автобуската несреќа

Брифинг на обвинителството Борислав Сарафов Шијка Милева

Екипа од бугарското обвинителството, како што вчера беше најавено во Софија, денеска треба да пристигне во Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите во автобуската несреќа која пред три дена се случи во Бугарија кога, според бугарското обвинителство, загинаа најмалку 44 лица. ДНК профилите ќе се искористат за споредба со ДНК-профилите на жртвите, што ќе ја забрза постапката на идентификување. Заменик главниот обвинител и директор на Националната истражна служба Борислав Сарафов вчера во Софија изјави дека човечка грешка е водечка и главна причина за трагедијата на автопатот „Струма“.

Владата формира тим за пренесување на повредените и телата на загинатите од Бугарија во Македонија

Според првичната верзија од истрагата, дополнително за несреќата влијаеле лошата сигнализација и ознаките на патот, но и лоша организација на сообраќајот. Причина за смртта на сите загинати е задушување од пожарот, соопштија бугарските обвинители од Државното јавно обвинителство. Тие наведоа дека обдукциите се завршени и покажале дека ниту еден патник не починал од здобиени повреди од ударот, ниту пак од експлозијата.

Жртвите од автобусот починале од задушување, пронајдени 44 тела

Според досега утврденото од собраните материјали, категорично се отфрлаат тврдењата дека пожарот во автобусот настанал поради шверц на нафта или поради терористички акт. Утврдено е дека во автобусот имало празни туби за гориво, кои не биле причина за избувнувањето на пожарот. Несреќата на автопатот „Струма“ во Бугарија се случи рано утрината на 23 ноември. Автобусот на туристичката агенција „Беса транс“ превезуваше патници од Северна Македонија кои од Истанбул се враќаа во Скопје преку Бугарија.

„Беса транс“ демантира дека во автобусот се шверцувала нафта или пиротехника

Првичните информации беа дека се загинати 46 патници, а дека седум се преживеани и префрлени во болница, а потоа во официјалните соопштенија беше наведена бројка од 45 загинати. Но, портпаролката на главниот обвинител во Бугарија Шијка Милева на вчерашната прес-конференција изјави дека за време на истрагата еден од преживеаните во несреќата сведочел дека 8 луѓе биле спасени, а не 7 и дека во исто време 44 тела биле најдени на местото на трагедијата.