Владата, на денешната седница, го задолжи Министерството за здравство да обезбеди соодветни амбулантни возила со кои повредените од автобуската несреќа во Бугарија ќе бидат пренесени во земјава.
Министерството треба да ги покрие трошоците за транспорт од софиската болница Пирогов, како и соодветната здравствена нега, без разлика дали повредените лица се осигуреници во Фондот за здравствено осигурување или не.
Министерството за надворешни работи е задолжено да изврши избор на соодветно транспортно претпријатие и во целост да реализира достоен транспорт на посмртните останки на починатите од Бугарија до Македонија, а средствата за транспортот и погребот во целост ќе ги покрие Генералниот секретаријат на Владата.
Министерството за внатрешни работи треба да обезбеди непречен премин со полициска придружба од границата со Бугарија до крајните дестинации.
За транспорт на повредените и телата на починатите, е формирана работна група предводена од министерот за надворешни работи Бујар Османи, а во која уште членуваат министерот за транспорт и врски Благој Бочварски, министерката за труд и социјална политика Јагода Шахпаска и министерот за здравство Венко Филипче.
Во тешка автобуска сообраќајна несреќа на македонски туристички автобус во Бугарија пред три дена загинаа најмалку 44 луѓе, а седуммина се повредени и се пренесени во болница во Софија.