Попис на населението во Црна Гора можеби следната година во октомври

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ

Премиерот на Црна Гора, Здравко Кривокапиќ, денеска изјави дека Владата наскоро ќе му предложи на Собранието закон за попис на населението, кој би можел да се организира по локалните избори во октомври 2022 година.

„Предлог-законот за попис е направен. Според сите информации со кои располагаме, сугестиите на Европската комисија ќе бидат комплетирани многу брзо. Така, потоа тој би бил усвоен на следната седница на Владата“, истакна црногорскиот премиер.

Кривокапиќ додаде дека има препорака од ЕУ да не се прави попис во годината во која се одржале изборите.

„Но, ако има волја, не гледам зошто не би организирале попис, можеби во октомври следната година“, изјави Кривокапиќ, одговарајќи на прашањето на првиот човек на пратеничката група на Социјалистичката народна партија (СНП), Драган Ивановиќ, кога ќе се организира попис на населението.

Тој додаде дека останува да се види како ќе се одвива пописот кога во првата половина на следната година ќе се одржат локални избори во 13 општини.