Обвинители, политичари и вакцини
ЈУЖНА АФРИКА - Нов сој на коронавирусот, чиј висок број на мутации би можел да ја загрози ефикасноста на постојните вакцини, е забележан во Јужна Африка, соопштија денеска научниците.
САД - Регулаторната агенција за лекови на ЕУ денеска ја одобри вакцината на Фајзер/Бионтек за деца од 5 до 11 години, додека Европа се справува со нов бран на вирусот.
АЛБАНИЈА / МАКЕДОНИЈА - Албанскиот Парламент, на денешната пленарна седница, што ја почна со едноминутно молчење во знак на почит на загинатите македонски патници во автобуската несреќа во Бугарија, го ратификува договорот за заеднички контроли на граничните премини со Македонија.
РУСИЈА / СРБИЈА - Во наредните шест месеци цената на рускиот гас за Србија нема да биде променета и ќе биде 270 долари за илјада кубни метри, рече српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претседателот на Русија Владимир Путин во Сочи.
ТУРЦИЈА - Министерот за здравство на Турција, Фехратин Коца денеска изјави дека е побарана дозвола за итна употреба на домашната вакцина против ковид-19, Турковак од Турската агенција за лекови и медицински средства (ТИТЦК).
РОМАНИЈА - Романските пратеници денеска со големо мнозинство ја поддржаа новата коалициска влада на премиерот Николае Чиука, со што се стави крај на двомесечниот политички ќор-сокак.
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Софија очекува дијалогот со Северна Македонија да доведе до конкретни резултати, рекол денеска бугарскиот претседател Румен Радев во телефонски разговор со еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, јави дописникот на МИА од Софија.
МАКЕДОНИЈА - Додека не заврши ДНК анализата, не може да се утврди точниот број на настрадани лица во автобуската несреќа, која се случи пред три дена во Бугарија, вели директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков во изјава за МИА. Тој вели дека на местото на автобуската несреќа се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.
БЕЛОРУСИЈА / ПОЛСКА - Околу 200 мигранти се обиделе да ја пробијат оградата на полско-белоруската граница доцна на 24 ноември, соопшти полската гранична стража. Новиот инцидент се случил кај селото Черемча.
РУСИЈА - Најмалку 11 луѓе загинаа, а 43 се повредени во експлозија предизвикана од пожар во рудник за јаглен во регионот Кемерово во Сибир, додека 49 рудари се уште се заробени под земја, соопштија денеска руските власти.
БУГАРИЈА / МАКЕДОНИЈА - Задушување од пожарот е причина за смртта на сите загинати во автобуската несреќа во Бугарија, соопштија денеска бугарските обвинители во Државното јавно обвинителство на Република Бугарија. Обдукциите се завршени и покажуваат дека ниеден не починал од повреди здобиени од ударот, ниту од експлозијата.
ХРВАТСКА / ФРАНЦИЈА - Францускиот претседател Емануел Макрон престојува во прва посета на Хрватска од нејзината независност. Во мај, со цел да ги модернизира своите воени воздухопловни сили, Хрватска најави купување на 12 авиони Рафал од францускиот производител Дасо Авиасион. Договорот е вреден околу милијарда евра, а тоа е најголемата нарачка на оружје на Хрватска од нејзината независност по распадот на поранешна Југославија, оценуваат француските медиуми.