Во наредните шест месеци цената на рускиот гас за Србија нема да биде променета и ќе биде 270 долари за илјада кубни метри, рече српскиот претседател Александар Вучиќ по средбата со претседателот на Русија Владимир Путин во Сочи.
Испораката на гас беше главна тема на денешната посета на Вучиќ на Русија.
„Добивме зголемување на количините на гас за тие шест месеци и флексибилност“, изјави Вучиќ за ТВ Пинк од Сочи.
Србија е целосно зависна од руски гас. Десетгодишниот договор со рускиот дистрибутер Газпром истекува на крајот на годинава и во тек се преговори за нов аранжман. Вучиќ рече дека со Путин разговарал и за условите за новиот договор, но дека нема право да зборува за деталите додека договорот не биде потпишан.
Преговорите со Русија се водат додека Европа ја потресува гасна криза, а цената на гасот на берзите се движи околу 1000 долари за илјада кубни метри.
Путин за време на средбата рече дека ќе биде најдено прифатливо решение за цената на рускиот гас за Србија.
„Мислам дека ќе се договориме, ќе им наложиме на соодветните субјекти да ја завршат таа работа. Во секој случај, ќе најдеме такво решение кое сигурно ќе биде прифатливо за нашите српски пријатели“, рекол Путин во Сочи, соопшти Кремљ.
Путин рече дека наредниот месец се очекува посета на српската премиерка Ана Брнабиќ на Русија.
Вучиќ рече дека ова е 19 негова средба со Путин.
Последен пат тие се сретнаа во јуни 2020, кога Вучиќ присуствуваше на воена парада во Москва по повод 75-годишнината од победата над фашизмот во Втората светска војна.
Токму поради соработката со Русија, Србија е цел на критики од Западот, поради тоа што како земја кандидат за членство во ЕУ сè уште не ја усогласила својата надворешна политика со европската.