Министерот за здравство на Турција, Фехратин Коца денеска изјави дека е побарана дозвола за итна употреба на домашната вакцина против ковид-19, Турковак од Турската агенција за лекови и медицински средства (ТИТЦК).
Турковак е вакцина развиена од турското Министерство за здравство, Турскиот здравствен институт и Универзитетот Ерцијес, при што се завршени првата и втората фаза на испитување, а третата фаза е при крај.
„Се надеваме дека до крајот на годината вакцината ќе биде во широка употреба. Сакам нашата вакцина да биде корисна за нашата земја и целиот свет“, посочи Коца.
И претседателот на Турција, Реџеп Таип Ердоган повеќе пати најавуваше дека турската вакцина против ковид-19 ќе ја сподели со целиот свет.
Во Турција досега се аплицирани околу 120 милиони дози вакцина против ковид-19, а се употребувани вакцините на Фајзер/Бионтек и Синовак.