Романија доби нова влада со што се стави крај на политичката криза

Раманското собрание.

Романските пратеници денеска со големо мнозинство ја поддржаа новата коалициска влада на премиерот Николае Чиука, со што се стави крај на двомесечниот политички ќор-сокак.

За новата влада гласаа 318 пратеници, а 126 беа против. За одобрување на владата беа потребни минимум 235 гласови.

Претседателот Клаус Јоханис на 22 ноември го номинираше 54-годишниот привремен министер за одбрана Николае Чиука, за премиер, во последен обид да стави крај на кризата. Чиука е пензиониран армиски генерал.

Тој ќе ја предводи коалициската влада составена од владејачката централно-десничарска Национал-либерална партија (ПНЛ), левичарската Социјалдемократска партија (ПСД) и етничката унгарска УДМР. Новиот премиер ќе ја предводи владата две години според договорот за ротација на премиери.

ПНЛ минатата недела вети дека ќе постави кабинет до 25 ноември.

Романија, една од најсиромашните земји членки на ЕУ, е во политичка парализа откако центристичката коалиција се распадна во септември, поткопувајќи ги напорите за намалување на големиот буџетски и трговски дефицит во време на рекорден пораст на случаи на ковид-19.