Амандманите за Буџетот 2022 ќе се разгледуваат од сабота

Oбраќањето на министерот за финансии Фатмир Бесими на седницата на Комисијата за финансирање и буџет, каде се разгледува Предлог-буџетот за 2022 година. --

Утре завршува комисиската расправа за Предлог- Буџетот за следната година, а во сабота ќе ја почне амандманската расправа која се очекува да заврши в среда. За предлог-буџетот опозициската ВМРО-ДПМНЕ има поднесено 220 амандмани. Расправата за буџетот не продолжи неделава поради откажувањето на сите активности по автобуската несреќа на македонски превозник во Бугарија.

Откако ќе заврши амандманската расправа текстот на Буџетот се враќа во Владата која треба да ги вгради прифатените амандмани. Откако ќе биде вратен во Собрание, дополнетиот Предлог-буџет оди на пленарна седница, а таму расправата трае пет дена.

Од опозициската ВМРО-ДПМНЕ уште на првиот ден од расправата оценија дека Предлог – Буџетот е нереален и неразвоен со многу непродуктивни трошоци, но и дека ќе следи ребаланс во првиот квартал.

Од владејачката СДСМ тогаш апелираа на конструктивност и побараа буџетот да се донесе низ аргументирана дебата и без опструкции.

Министерот за финансии Фатмир Бесими образложувајќи го Предлог-буџетот за 2022 година пред собраниската Комисија за финансирање и буџет рече дека наредната година ќе биде година на натамошно економско заздравување и забрзување на растот преку инвестиции кои во Предлог-буџетот се предвидени на историски највисоко ниво досега и се првпат поголеми од буџетскиот дефицит.

Со Предлог-буџетот за 2022 година, вкупните приходи се планирани на 238,9 милијарди денари и се за 7,4 проценти повисоки од годинава. Вкупните расходи се планирани во износ од 272,4 милијарди денари, што е за 1,4 отсто повеќе oд 2021 година. Дефицитот се планира на ниво од 33,5 милијарди денари или 4,3 отсто од БДП и е понизок за 2,2 процентни поени во однос на проценетиот дефицит во 2021 година. Во Предлог-буџетот за 2022 година за капитални инвестиции се предвидени 37,8 милијарди денари, за околу 27 проценти повеќе во однос на 2021 година.