Француските и британските власти денеска ветија дека ќе преземат мерки за ограничување на миграцијата и за разбивање на мрежите за шверц на луѓе, откако вчера најмалку 27 мигранти се удавија кај северниот француски брег во обид да го преминат Ла Манш од Франција до Велика Британија.
Мигрантите загинале кога потонал гумениот чамец со кој се превезувале.
Францускиот министер за внатрешни работи Жералд Дарманин денеска изјави дека се верува оти на чамецот имало 34 лица.
Заедничкиот британско-француски тим за спасување ја прекина операцијата по извлекувањето на телата и двајцата преживеани. Националноста на мигрантите засега не е позната.
Дарманин рече дека се уапсени четворица осомничени трговци со луѓе поврзани со несреќата.
Претседателот на Франција Емануел Макрон разговарал со британскиот премиер Борис Џонсон за засилување на напорите да се спречат трговците со луѓе кои се виновни за напливот на премини на каналот Ла Манш.
Џонсон и Макрон се согласиле итно да се засилат заедничките напори за спречување на овие смртоносни премини и дека од витално значење е да се задржат сите опции на маса за да се разбие деловниот модел на шверцерските банди, соопшти прес службата на Џонсон.
Франција и Британија соработуваат за да ја запрат миграцијата преку Каналот, но исто така се обвинуваат меѓусебно дека не прават доволно.
Макрон вели дека Франција нема да дозволи Каналот да стане „гробишта“, соопшти Кабинетот на францускиот претседател.
Тој повика на зголемување на финансирањето на граничната агенција на Европската унија, Фронтекс, и итен состанок на министрите од европската влада за решавање на миграцијата.
Џонсон свика состанок на владиниот кризен комитет и рече дека е „шокиран, згрозен и длабоко тажен“ по настанат на Ла Манш.
Тој ја повика Франција да направи повеќе за да го запре протокот на мигранти, велејќи дека француските напори за патролирање на брегот не отишле доволно далеку.
Според француските податоци 31.500 луѓе се обиделе да го преминат Каналот Ла Манш до Британија од почетокот на годината, а 7.800 луѓе се спасени на море.
Според британските власти, повеќе од 25.000 луѓе нелегално пристигнале досега оваа година, тројно повеќе од бројката забележана во 2020 година.