Судска медицина - Додека не заврши ДНК анализата не може да се утврди бројот на настрадани

Остатоци од автобусот.

Додека не заврши ДНК анализата, не може да се утврди точниот број на настрадани лица во автобуската несреќа, која се случи пред три дена во Бугарија, вели директорот на Институтот за судска медицина Александар Станков во изјава за МИА. Тој вели дека на местото на автобуската несреќа се пронајдени 44 тела и остатоци од тела, коишто ќе се поврзат со ДНК анализата.

„Направени се 44 обдукции, но увидени се и остатоци од тела коишто ќе се поврзат со ДНК анализата. Треба да почекаме да се испитаат овие остатоци и тогаш точно ќе видиме колку лица биле настрадани“, изјави Станков.​

Претходно, портпаролката на главниот обвинител на Бугарија Сијка Милева, на прес-конференција со заменик-јавниот обвинител на Бугарија Борислав Сарафов изјави дека на местото на трагедијата се пронајдени 44 тела.

Таа информира дека се сретнала со преживеаниот маж кој и раскажал како го скршил стаклото на автобусот и рекол дека спасил осум лица, а не седум.

„Според податоците со кои располагаме, патувале 52 лица, ние пронајдовме 44 тела, а се хоспитализирани седум лица – четворица мажи и три жени. Останува големата загатка, каде е осмото лице. Работиме на таа верзија, не сакаме да шириме дезинформации, може да се работи и за лошо сеќавање на сведокот, рече Милева.

Екипа од Бугарското обвинителството утре ќе допатува во Скопје за подигање на изработените ДНК профили од роднини на настраданите, кои потоа ќе се искористат за идентификување на починатите.

Потоа, велат бугарските обвинители, ќе може телата на жртвите да им се предадат на нивните семејства.