Град Скопје планира парична помош за семејствата на загинатите во автобуската несреќа

Градоначалничката на Град Скопје, Данела Арсовска.

Град Скопје ќе додели два милиона денари( околу 33 илјади евра) за семејствата на загинатите од Скопје во автобуската несреќа, која се случи пред два дена во Бугарија.

На предлог на градоначалничката Данела Арсовска, Советот на Град Скопје на својата наредна седница ќе одлучува за доделување парична помош во знак на солидарност кон семејствата и почит кон настраданите.

Од Град Скопје изразуваат сочувство до семејствата на настраданите, а на повредените им посакуваат побрзо закрепнување.

Претходно Советот на Општина Чаир одлучи да им се додели парична помош на семејствата чии роднини ги загубија животите во автобуската несреќа во Бугарија. Од Општината соопштија дека парите предвидени за новогодишно украсување ќе бидат пренаменети за семејствата на загинатите. Од загинатите 16 се со адреса од Општина Чаир.

Според истрагата на бугарското Обвинителство во автобуската несреќа загинале 44 лица, а седум патници се во болница, постои веројатност дека преживеал уште еден патник, но тоа се уште се истражува.