„Беса транс“ демантира дека во автобусот се шверцувала нафта или пиротехника

Македонскиот автобус кој на 23 ноември се запали на автопатот „Струма“ во Бугарија, а загинаа 45 луѓе и седум беа повредени.

Туристичката агенција „Беса транс“ демантира дека во автобусот, во кој загинаа 45 луѓе, била шверцувана нафта, бензин или пиротехнички материјал.

Во објава на профилот на Фејсбук, туристичката агенција апелира до медиумите да не се шират шпекулации коишто ќе ѝ наштетат на истрагата.

„Како агенција ги информираме семејствата на починатите и повредените во трагедијата дека автобусот во никој случај немал багаж за шверц на нафта, бензин или пиротехнички средства“, се вели во објавата на „Беса транс.“

Сообраќајната несреќа во која во автобусот на „Беса транс“ загинаа 45 луѓе, а седум лица беа повредени, се случи рано утрината на 23 ноември на автопатот „Струма“ на 40 километри од бугарскиот главен град Софија. Автобусот од Турција се враќал кон Македонија преку Бугарија. Истрагата треба да ги даде одоговорите за причината за несреќата.

Од „Беса транс“ наведуваат дека постојат „злонамерни шпекулации“ дека во автобусот била шверцувана нафта и пиротехнички средства.

„Вкупниот капацитет на автобусот беше 450-500 литри нафта за самиот автобус, а во никој случај немаше резерва за шверцерски цели. Уште еднаш ги замолуваме медиумите да не ги користат овие дезинформации“, наведуваат од „Беса транс.“

Инаку, денеска Министерството за транспорт и врски соопшти дека за автобусот на „Беса транс“, во кој загинаа 46 луѓе на автопатот „Струма“ во Бугарија, не бил издаден извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, ниту пак за друг јавен превоз на патници.

Институцијата наведе дека возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци, поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност.