Министерството за транспорт и врски денеска соопшти дека за автобусот на агенцијата „Беса транс“, во кој загинаа 46 луѓе на автопатот „Струма“ во Бугарија, не бил издаден извод од лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз на патници, ниту пак за друг јавен превоз на патници.
Од институцијата наведуваат дека возилото не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци, поради што на фирмата „Беса Транс БТБ“ и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејност.
Инаку, во автобусот на „Беса транс“ рано утрината на 23 октомври загинаа 46 луѓе во Бугарија, главно македонски државјани, кои се враќаа од Турција во Македонија.
Истрагата е во тек, а се уште не се идентификувани жртвите кои настрадаа во несреќата во автобусот кој се запали. Идентификацијата на загинатите ќе трае најмалку седум дена, како што рече македонскиот министер за надворешни работи Бујар Османи.
Во соопштението на Министерството за транспорт и врски се вели дека откако Министерството за внатрешни работи до нив доставило податоци за опожарениот автобус на фирмата „Беса Транс БТБ“ кој учествуваше во несреќата, утврдиле дека за него немало издадена лиценца за вршење на меѓународен слободен превоз за патници, ниту пак за друг вид на јавен превоз за патници.
„Истото возило не е евидентирано во електронската евиденција на издадени лиценци и извод од лиценци за вршење на јавен внатрешен и/или меѓународен превоз на патници, која ја води Министерството за транспорт и врски“, се вели во соопштението на ресорното Министерство.
Вашиот пребарувач не подржува HTML5
Во соопштението исто така се вели дека Министерството за транспорт и врски имало регистрирано четири лиценцирани возила на фирмата „Беса транс БТБ“, но дека возилото кое учествувало во несреќата не било меѓу нив.
Институцијата наведува дека според Член 12 од Законот за превоз во патниот сообраќај, на фирмата и се одзема лиценцата за работа, односно и се забранува вршење на дејноста поради утврдените недостатоци, но и со цел да се превенира друго дејство на фирмата кое би можело да предизвика негативни последици.
„Притоа фирмата е должна веднаш да ги депонира лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници и изводите од лиценцата за вршење на меѓународен слободен превоз на патници до Министерството за транспорт и врски“, велат од Министерството за транспорт и врски.