Протест во Белград против измени на законите за експропријација и референдум

Белград - Протест против измените на законот за референдум и законот за експропријација. 24.11.2021.

Поради страв од одземање на имот, денеска беше одржан протест пред српското Собрание во Белград каде пратениците расправаат за измени на Законот за експропријација и на Законот за референдум.

Доколку измените на Законот за експропријација бидат усвоени, државата ќе може побрзо и полесно да одземе имот ако процени дека тој е потребен за реализација на проекти од јавен интерес.

Некои од демонстрантите рекоа дека се против тоа државата да одлучува што некој граѓанин ќе прави со својот приватен имот.

„Ова е прашање за цела Србија. Утре ќе дојдат во мојот или твојот двор и врз него ќе стави рака некоја странска корпорација“, изјави Златко Кокановиќ од здружението „Не го даваме Јадар.“

Српските власти сметаат дека со измените на законите ќе се забрзаат процедурите и градењето во земјата.

„Сметаме дека е спорно тоа што се нарушуваат цивилизациските вредности. Значи на луѓето им се одзема нивната сопственост, а кога одземате нечија сопственост, тоа е некаков вид на насилство“, рече Марија од Белград која учествуваше на собирот.

Демонстрантите истакнуваа транспаренти на кои пишуваше „Нема рудници, нема референдум.“

Еколошките активисти се незадоволни од измените на Законот за референдум кој исто така е во собраниска процедура.

Тие се сомневаат дека со измените на двата закони им се отвора врата на приватни инвеститори, како компанијата „Рио Тинто“ и дека со помала контрола тие ќе можат да влијаат врз животната средина.

„Рио Тинто“ планира да отвора рудници за експлоатација на литиум во западна Србија. Компанијата ветува дека ќе ги почитува законите и еколошките стандарди на Србија.

Експропријација е правен инструмент за пренесување на сопственоста од граѓаните на државата со надомест кој ќе го одреди државата. Постоечкиот закон за експропријација во Србија е на сила од 1995 година.

Демонстрантите рекоа дека доколку пратениците ги донесат овие два закони, ќе ги повикаат граѓаните да ги блокираат автопатите во Србија.