Доколку во иницијативата „Отворен Балкан“ не бидат вклучени сите шест држави од Западен Балкан, таа нема да успее, изјави денеска пратеникот на САД за Западен Балкан, Габриел Ескобар.
Обраќајќи се на онлајн-конференцијата за „Отворен Балкан“ во српскиот Парламент, Ескобар рече дека регионалните иницијативи мора да бидат подеднакво отворени за сите земји.
Во иницијативата за соработка „Отворен Балкан“ се вклучени Србија, Албанија и Северна Македонија. Таа предвидува меѓу трите земји да има слобода на движење на капитал, стоки, услуги и луѓе. Косово, Босна и Херцеговина и Црна Гора не се дел од иницијативата.
Ескобар рече дека меѓу предизвиците на Отворениот Балкан се контролата на границите по нивното отворање, намалувањето на корупцијата и намалувањето на државната контрола во економијата.
„Покрај тоа, важно е овие три земји што ја започнаа иницијативата да бидат многу отворени и тесно да разговараат со другите тројца партнери кои се скептични“, рече Ескобар.
Тој истакна дека мора да има еднаквост во регионалната иницијатива за сите граѓани и проекти, а дека не смее да има дискриминација по национална основа.
Исто така американскиот пратеник за Западен Балкан додаде дека САД се подготвени да им помогнат на регионалните иницијативи, се додека тие не ја попречуваат европската интеграција.
„Ние сме подготвени да ви помогнеме на тој пат, да ги исполните меѓународните стандарди, да станеме партнери со Европа за да се осигураме дека овој регион ќе стане една од најважните економии во Европа“, рече Ескобар.