Србија ќе ја зголеми финансиската поддршка за првородено дете и таа ќе изнесува 2550 евра, изјави денеска српскиот претседател Александар Вучиќ претставувајќи ги новите демографски мерки. Досега помошта за првородено бебе беше 850 евра.
На прес-конференцијата Вучиќ рече дека се договорени мерки за поттикнување на наталитетот во Србија како дел од демографска политика. Освен финансиската помош, ќе има и други мерки, најави српскиот претседател.
Тој најави и зголемување на помошта за второ дете, која сега изнесува по 85 евра месечно во траење од две години. Тие што имаат трето и четврто дете помош од државата добиваат 10 години.
Ќе има и мерки за студентите кои сакаат да станат родители да не мора да го паузираат факултетот. А се разговарало и за мерките за помош за купување стан.
Вучиќ посочи дека само мерката за зголемување на помошта за првороденото ја чини државата 5,7 милијарди динари, односно 50 милиони евра годишно.