Енергетски компании и институции се насочени кон сигурна и стабилна испорака на струја во државата, рече денеска претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски по состанокот со енергетските компании ЕСМ, МЕПСО, ЕВН Хоме, Електродистрибуција, Операторот на пазарот на електрична енергија – МЕМО, ТЕЦ Неготино и со претставници на Владата и Министерство за економија.
На состанокот се разговарало за производство на струја по први јануари и за статусот и темпото за ангажирање на сите енергетски капацитети кои се на располагање во државава.
Бислимоски вели дека што се однесува во цената, компаниите се уште не доставиле барање до РКЕ.
„Во периодот што следува компаниите ќе ги сумираат трошоците кои ги имаат во изминатиот период во кои клучна ќе биде цената по која ќе се набавуваат загубите за електрична енергија, а за кои МЕПСО и Електродистрибуција треба да распишат јавни повици и ќе ги достават до РКЕ“, изјави Бислимоски.
Тој повтори дека како РКЕ ќе ги активираат сите механизми што се во рамки на нивна надлежност со цел заштита и на интересот на потрошувачите и на ликвидноста на енергетските компании.
Претходно ЕСМ соопшти дека ги разрешува директорите на РЕК Битола и на РЕК Осломеј, а најави и други кадровски промени.
Земјава во моментов се соочува со енергетска криза, главно од зголемените цени на берзите во Европа, поради што фирмите кои тргуваат со струја на слободниот пазар не се во можност да ја достават количината на струја која ја договориле со други фирми и државни институции.
Владата на 9 ноември прогласи кризна состојба во енергетскиот сектор.