Уште еден соработник на Навални ја напушти Русија

Ирина Фатјанова

Уште еден соработник на затворениот руски опозициски политичар Алексеј Навални ја напушти земјата стравувајќи од прогон што властите го водат против некогашната организација на Навални, кој е критичар на Кремљ. Неговата организација на почетокот на годината беше означена како екстремистичка.

Русија ја напушти Ирина Фатјанова, која работеше како шеф на тимот на Навални во Санкт Петербург се додека не се распадна тимот во април, откако московското обвинителство ја означи организацијата како екстремистичка.

Фатјанова доцна синоќа на Фејсбук напиша дека ја напуштила Русија пред една недела, но не презицира каде, нагласувајќи дека тоа и било најтешката одлука во животот.

Фатјанова напиша дека одлучила да ја напушти земјата по апсењето на поранешната началничка на групата за поддршка на Навални во Уфа, Лилија Чанишева, пред две недели.

Во јули, изборните власти во Санкт Петербург одбија да ја регистрираат Фатјанова како независен кандидат во градскиот парламент во Санкт Петербург, наведувајќи ја нејзината поврзаност со тимот на Навални во минатото.

Навални е во затвор од февруари, додека неколку негови соработници, од кои многумина избегаа од Русија, се обвинети за основање екстремистичка група.