Почната е постапка за одземање на лиценцата за работа на „Беса транс“

Последната извршена проверка на техничката состојба на автобусот е направена на 5 октомври годинава, а истражната постапка ќе ги даде одговорите за сите отворени прашања, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на вечерашната прес конференција по трагичната автобуска несреќа во која загинаа 45 македонски граѓани.

„Очекуваме брза и сеопфатна реакција на надлежните служби и сигурен сум дека со заедничка соработка ќе ги дадеме потребните одговори за оваа трагедија и на тој начин ќе се обезбеди ефикасност во утврдување на одговорноста“, изјави Спасовски.

Тој додаде дека според информациите кои ги имаат во автобусот имало и втор возач.


Министерот за транспорт и врски Благој Бочварски соопшти дека превозникот не го пријавил возилото кое ноќеска беше опожарено.

„Превозникот до овој момент има уредна лиценца за меѓународен превоз на патници. Во рамки на свои надлежности министерството издава лиценца како и извод од лиценца за меѓународен превоз на патници за секое возило поединечно. Констатираме дека возилото не било пријавено од страна на превозникот и поради тоа возилото го нема во електронската база на министерството за транспорт и врски. Согласно овој член од законот превозникот е должен не покасно од 15 дена да го извести министерството за сите промени односно пријавување на возило или возач“, рече Бочварски.

Министерството за транспорт и врски отпочнало постапка за одземање на лиценцата за работа на превозникот. Бочварски додава дека владата денеска го задолжил Инспекторатот за транспорт да изврши инспекција на компанијата.

Министерот за надворешни работи Бујар Османи рече дека се воспоставени директни контакти со властите на Бугарија, а во МНР се активирала работна група во врска со спраувувањето со последиците од оваа трагедија.

„Во текот на денот овозможивме измена на ковид протоколите со што членовите на семејствата кои имаа потреба да патуваат до Софија ја имаа можноста да отидат без ковид протоколите. Беа контактирани сите семејства на загинатите за детално информирање, исто така и семејствата на повредените. Правосудните институции се веќе во контакт за извршување идентификација на телата. Што и да направиме денес не можеме да ја надоместиме загубата ниту да ја покриеме тагата. Цели фамилии од денес веќе не се со нас. Ние како МНР ќе им обезбедиме на семејствата достоинство со цел прво да ги добијат вистинските и прецизни информации и префрлување на телата во Скопје, рече Османи.

Во автобуска несреќа во Бугарија загинаа 45 луѓе од македонски туристички автобус, а седуммина се повредени. Најголемиот дел од жртвите се македонски државјани, имало еден со српско и еден со белгиско државјанство. Меѓу жртвите има и 12 деца.