Лајчак-Вучиќ: Долга и детална средба, разговорите продолжуваат

Мирослав Лајчак и Александар Вучиќ, 23 ноември 2021

Специјалниот претставник на Европската унија за дијалог меѓу Косово и Србија, Мирослав Лајчак кој денеска се сретна со српскиот претседател Александар Вучиќ на Твитер напиша дека имал долга и детална средба со Вучиќ и дека има уште многу да покрие.

„Во продолжение на разговорите за напредокот на дијалогот под покровителство на ЕУ, имав долг и детален разговор со претседателот на Србија. Уште многу треба дополнително да се покрие по моите средби оваа недела“, напиша Лајчак.

Лајчак на 22 ноември во Виена разговараше и со премиерот на Косово Албин Курти за актуелната ситуација и напредокот на дијалогот.

Имавме детален разговор за ситуацијата и натамошните чекори во дијалогот со посредство на ЕУ“, напиша Лајчак на Твитер.

Шефовите на преговарачките тимови на Србија и Косово, Петар Петковиќ и Бесник Бислими, претходно одржаа одвоени средби со Лајчак на 16 ноември во Брисел.

Заедничката средба на делегациите не се одржа, бидејќи српската страна инсистираше на разговори за формирање Заедница на српски општини (ЗСО), што косовската страна го одби. На крајот од разговорите со делегациите, специјалниот претставник на ЕУ за дијалог Мирослав Лајчак изјави дека е „крајно време за вистински напредок“ во дијалогот.

Лајчак во неколку наврати одделно се сретна со делегации во обид да се организира таканаречена трилатерална средба, но напорите беа неуспешни поради цврстиот став на партиите за кои теми треба да се разговара на заедничката средба.