Скопје - Перник - Брисел
ГЕРМАНИЈА - Вакцинацијата против коронавирусот ќе биде задолжителна за германските војници во иднина бидејќи бројот на нови инфекции продолжува да расте низ целата земја, одлучи германското Министерство за одбрана.
СРБИЈА - Двајца работници загинале, а 16 се повредени во експлозија во фабриката ЕдеПро, која произведува противградни ракети во близина на предградието Бубањ Поток.
ТУРЦИЈА - Турската лира ослабе за речиси 10 отсто во однос на американскиот долар денеска, еден ден откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека нема да се откаже од намалувањето на каматните стапки и покрај високата инфлација.
МАКЕДОНИЈА / БУГАРИЈА - Министерството за надворешни работи доби официјална потврда од надлежните институции на Бугарија за седум повредени патници во автобуската несреќа на автопатот Струма, близу Софија и објави листа со имиња на повредените. Во сообраќајната несреќа на македонскиот автобус загинаа 46 лица кои преку Бугарија се враќаа од туристичка тура во Истанбул. Изјави за сочуство пристигнаа од седиштето на ЕУ во Брисел и од голем број регионални и светски политичари, а во Македонија е прогласена 3-дневна жалост.
САД - Белата куќа најави дека ќе искористи 50 милиони барели нафта од американските стратешки резерви за да придонесе за намалување на цените на овој енергенс.
ШВАЈЦАРИЈА - Стотици илјади луѓе во Европа би можеле да умрат од ковид-19 до пролетта 2022 година, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).
МАКЕДОНИЈА - СДСМ ги одложи денешните седници на Централниот и Извршниот одбор заради автобуската несреќа во Бугарија, соопштија од владејачката партија.
МАКЕДОНИЈА - Елетрани на Северна Македонија денеска соопштија дека договор за набавка на 90 илјади тони јаглен од Албанија ќе биде потпишан согласно повикот за набавка на јаглен за РЕК Битола. Оттаму велат дека за останатите количини повторно ќе биде објавен јавен повик што ќе биде отворен цела грејна сезона. Во нивното соопштение е наведено дека од деветте фирми кои дадоа 14 понуди од различни рудници во земјава и од регионот, дел од понудите не одговараа технички во однос на јагленот.
ИРАН - Шефот на атомската агенција на Обединетите нации Рафаел Гроси денеска се состана со ирански претставници за да изврши притисок за поголем пристап до нуклеарните постројки во Исламската Република пред разговорите следната недела во Виена.