Турската лира ослабе за 10 отсто во однос на доларот

илустрација

Турската лира ослабе за речиси 10 отсто во однос на американскиот долар денеска, еден ден откако турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган рече дека нема да се откаже од намалувањето на каматните стапки и покрај високата инфлација.

Лирата падна на рекордно ниско ниво од 12,51 во однос на доларот, што е пад од 9,9 отсто во однос на претходниот ден. Турската валута загуби околу 40 отсто од својата вредност од почетокот на годинава.

Ердоган вчера рече дека неговата влада нема да отстапи од политиката на намалување на каматните стапки за да го поттикне растот.

„Би можеле да се откажеме од инвестициите, производството, растот и вработувањето, држејќи се до ставот што е доминантен во нашата земја со години, или да се вклучиме во историска борба, во согласност со нашите приоритети. Како и секогаш, решивме да се бориме.“ рече Ердоган.

Спротивно на традиционалната економска теорија, Ердоган тврди дека високите каматни стапки предизвикуваат инфлација. Спротивно на тоа, централните банки генерално ги зголемуваат каматните стапки за да го ублажат растот на цените на мало.

Турската централна банка ги намали каматните стапки за четири отсто од септември, поставувајќи го прашањето за сопствената независност од владата на Ердоган. Ердоган смени тројца гувернери на централната банка од 2019 година. Инфлацијата во Турција е околу 20 отсто и придонесува за намалување на куповната моќ на населението.