СЗО - До пролет во Европа ќе има над два милиони починати од ковид

Стотици илјади луѓе во Европа би можеле да умрат од ковид-19 до пролетта 2022 година, предупреди Светската здравствена организација (СЗО).

Се очекува 49 од 53 оддели за интензивна нега во земји во европскиот регион да се соочат со висок или екстремен товар почнувајќи од сега до 1 март, предупреди денеска канцеларијата на СЗО во Европа.

Врз основа на тековните трендови, се проценува дека вкупниот број на пријавени смртни случаи од коронавирус до март следната година ќе надмине 2,2 милиони.

Сега има околу 1,5 милиони починати од ковид.

Ова може да се спречи со итна акција, соопшти организацијата со седиште во Копенхаген. Според една студија, само универзалното носење маски може да спречи околу 160 илјади смртни случаи до 1 март 2022 година

„За да живееме со овој вирус и да продолжиме со нашиот секојдневен живот, треба да се преземеме пристапот „вакцина плус““, повика регионалниот директор на СЗО, Ханс Клуге.

Тој вели дека ова значи да се земе дополнителна доза како засилувач, доколку се понуди, како и да се применуваат превентивни мерки во нашата нормална рутина.

Канцеларијата на СЗО Европа посочува на три главни фактори зошто има зголемување на бројот на заразени на многу места.
Прво, тоа се должи на многу заразната Делта варијанта која доминира во регионот. Второ, многу земји во последните месеци му сигнализираа на своето население дека ковид-19 повеќе не е итна закана и ги олабавија мерките како што е задолжителната употреба на маски. Трето, многу луѓе остануваат ранливи на вирусот бидејќи голем број се уште се невакцинирани, наведуваат од СЗО.