Елетрани на Северна Македонија денеска соопштија дека договор за набавка на 90 илјади тони јаглен од Албанија ќе биде потпишан согласно повикот за набавка на јаглен за РЕК Битола. Оттаму велат дека за останатите количини повторно ќе биде објавен јавен повик што ќе биде отворен цела грејна сезона. Во нивното соопштение е наведено дека од деветте фирми кои дадоа 14 понуди од различни рудници во земјава и од регионот, дел од понудите не одговараа технички во однос на јагленот.
„Додека дел имаа недостатоци во економско-финансиската евалуација, односно во назначениот рок немаа доставено комплетна документација. Од тие причини, повторно ќе биде објавен отворен повик во времетраење на целата грејна сезона и очекуваме да се обезбедат дополните 810 илјади тони јаглен за РЕК Битола и 170 илјади тони за РЕК Осломеј“, велат од ЕСМ.
Во соопштението е посочено дека отворениот повик ќе биде дополнителна можност за компаниите да ја комплетираат документацијата, како што е случајот со понудата на јаглен од Косово која ги задоволува техничките, финансиските и количинските барања на повикот.
„Економскиот оператор не успеа во првиот рок навремено да достави договор склучен со КЕК – државните електрани на Косово како испорачувач на јагленот, поради тековната промена на раководниот тим во косовските државни електрани. Сите економски оператори ќе имаат можност во текот на грејната сезона да доставуваат понуди, до обезбедување на бараните количини“, се вели во соопштението од ЕСМ.
ЕСМ посочува дека во следниот период ќе го засилат и ископот на сопствен јаглен за да се осигура производството на електрична енергија во текот на зимската сезона. Нивото на ископан јаглен на депонијата во РЕК Битола изнесува 200 илјади тони.