Несреќата апсолутно настанала како резултат на човечка грешка, изјави секретарот за безбедност на Перник, Васко Пиргов за БТВ. Пиргов пристигнал на местото на несреќата заедно со првите полицајци и пожарникари. Тој вели дека автобусот се движел со над 100 километри на час и нема ниту еден милиметар знаци на кочење, што значи дека возачот не реагирал адекватно. Според Пиргов, автобусот не се превртел, а возачот се обидел да сврти в лево, додавајќи дека има снимен материјал „што и не е пријатен за гледање“.
„Глетката е страшна. Предниот дел на автобусот е изгорен, луѓето што се наоѓаат во (болницата) „Пирогов“ биле во задниот дел на автобусот. Десното стакло на автобусот било скршено и од таму излегле“, изјави Пиргов.
Во несреќата која се случи ноќеска загинаа 46 луѓе, а седум се повредени.
Според него, пред околу час и половина пред несреќата, автобусот застанат на бензинска станица на магистралниот пат „Струма“, каде патниците отишле во тоалет и направиле пауза околу половина час. Тој смета дека е исклучена веројатноста возачот да заспал, бидејќи бензинската станица се наоѓа на 15 минути возење до местото на несреќата.
„Патот е во перфектна состојба. Овде станува збор за грешка на возачот. Нема можност автобусот да се зализгал патот, нема знаци на кочење. Автобусот се запалил од предниот дел. Во самиот автобус имало туби со нафта“, изјавува Пиргов, додавајќи дека огнот започнал од предниот дел на автобусот, најверојатно во системот за греење.
Тој информира дека во 03.04 часот ја добил информацијата за настанот, а во 03.30 стигнал на местото на несреќата, каде имало противпожарни и возила на брзата помош.
Премиерот Зоран Заев во изјава за медиумите претходно денска рече дека станува збор за автобус на превозникот Беса транс, со кој се превезувале најголем дел македонски државјани, имало еден од Прешево, Србија и еден со белгиско државјанство.
„Беса транс“ имала лиценца за вршење меѓународен слободен превоз на патници, информира Министерството за транспорт и врски.