Шефот на атомската агенција на ОН во посета на Иран

Шефот на атомската агенција на Обединетите нации Рафаел Гроси и Мохамад Еслами, шефот на иранската Организација за атомска енергија.

Шефот на атомската агенција на Обединетите нации Рафаел Гроси денеска се состана со ирански претставници за да изврши притисок за поголем пристап до нуклеарните постројки во Исламската Република пред разговорите следната недела во Виена.

Целта на разговорите во Виена е оживување на договорот од 2015 година меѓу Иран и светските сили.

Гроси денеска се сретна со Мохамад Еслами, шефот на иранската Организација за атомска енергија.

„Агенцијата се стреми да го продолжи и продлабочи дијалогот со владата на Иран. Се согласивме да продолжиме со нашата заедничка работа за транспарентност и тоа ќе продолжи“, изјави Гроси, по пристигнувањето во Техеран на прес конференција.

Еслами по состанокот со Гроси изјави дека Техеран е одлучен да ги реши техничките прашања со Агенцијата без „да се политизира работата“.

ОН во 2008 година го санкционираше Еслами затоа што давал или бил поврзат со поддршка на чувствителни нуклеарни активности.

Ова е трета посета на Гроси на Иран од февруари. Гроси вчера на Твитер објави дека се надева дека ќе ги „реши отворените прашања“ со иранските власти.

Гроси денеска треба да се состане и со министерот за надворешни работи Хосеин Амир-Абдолахиан. Тој последен пат го посети Техеран во септември, кога доби одобрение од Иран за меѓународен пристап до опремата за следење на иранските нуклеарни постројки. Нуклеарниот договорот од 2015 година имаше за цел да ја ограничи нуклеарната програма на Иран во замена за олеснување на санкциите. Соединетите Држави се повлекоа од договорот во 2018 година за време на тогашниот претседател Доналд Трамп, а Техеран оттогаш постојано ја засилува активноста во својата нуклеарна програма, вклучително и проширување на залихите на збогатен ураниум.