Македонската влада на денешната седница ќе разговара за прогласување на денови на жалост по автобуската несреќа во Бугарија, во која загинаа 46 граѓани, најголемиот дел од нив македонски државјани. И бугарската влада размислува да прогласи ден на жалост, рекоа денеска премиерите на Македонија и на Бугарија, Зоран Заев и Стефан Јанев на заедничката прес-конференција во Софија. Премиерот Заев заедно со министрите за здравство Венко Филипче и за надворешни работи Бујар Османи се во Бугарија по несреќата.
„Заедно сме и во добро и во лошо, ние сме први соседи, за мене братски народи и секојпат треба да се најдеме и помагаме. Оваа трагедија позитивно ќе се одрази на односите меѓу двете земји, затоа што си помагаме, институциите работат заедно. Ова е пораката на народите од двете страни – тука сме да си помогнеме кога е тешко и да ја споделиме радоста кога е добро“, изјави денеска премиерот Зоран Заев, на заедничката прес-конференција со привремениот бугарски премиер Стефан Јанев.
Во Бугарија, пак, се случи уште една несреќа, односно девет луѓе загинаа во пожар во старечкиот дом, за што Заев изрази сочувство. Владата на Бугарија размислува да прогласи ден на жалост поради двата трагични инцидента.
За автобуската несреќа, Заев рече дека бил информиран директно од Стефан Јанев, а разговарал и со претседателот Румен Радев.
Заев оцени дека соработката меѓу двете држави е на високо ниво. Тој не коментираше за причините за несреќата, оти на експертите им остава да ги кажат сите детали.
– Соработката е на високо ниво. Довербата во институциите едни со други е
Тој, исто така, нагласи дека ги посетил седумтемина наши сограѓани во болницата во Софија, посочувајќи дека сите се во добра состојба.
Бугарскиот премиер Стефан Јанев, истакна дека властите од двете земји работат во координација, нагласувајќи дека „од истрагата се надеваме дека ќе ги научиме овие лекции кои ќе не штитат од вакви инциденти во иднина“.
Во автобуската несреќа загинале најмалку 46 патници во автобус од Северна Македонија кој сообраќал кон Скопје. Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат. Инцидентот се случил нешто по 2 часот по полноќ кај селото Боснек во делот на автопатот Струма меѓу Перник и Дупница, на 31 километар југозападно од Софија.