Сите седум повредени кои по сообраќајната несреќа во Бугарија се хоспитализирани во болницата Пирогов во Софија се во стабилна здравствена состојба и никој не е животно загрозен, соопшти министерот за здравство Венко Филипче, кој по автобуската несреќата замина за Софија, заедно со премиерот Зоран Заев и министерот за надворешни работи Бујар Османи. тие ги посетиле повредените во софиската болница.
Министерот Филипче рече дека само еден пациент е со скршеница поради што треба да се направат дополнителни анализи и да се утврди дали ќе биде потребен хируршки зафат. Меѓу повредените се една девојка на 16 години, а останатите се на возраст од 40-50 години, рече министерот Филипче.
Според првичните информации, загинале најмалку 46 патници во автобус од Северна Македонија кој сообраќал кон Скопје. Автобусот се запалил и се превртел, соопшти бугарското Министерство за внатрешни работи, додавајќи дека ова е една од причините зошто луѓето не можат да се спасат.
Премиерот Зоран Заев рече дека најголемиот дел од патниците се од С. Македонија и се од повеќе националности, еден бил од Прешево, Србија и еден бил со белгиско државјанство.
Одговорајќи на новинарски прашања, Заев рече дека се уште не знае детали иако имал информација дека тие седуммината што преживеале, кога настанала несреќата успеале да го скршат прозорецот кај задните седишта.
Македонските власти им се заблагодарија на бугарските за брзата реакција и за поддршката на повредените во несреќата.
Информацијата за несреќата тој, како што истакна, ја добил во 3:30 часот ноќеска од премиерот Стефан Јанев, а потоа му се јавил и претседателот Радев.
Тој информира и дека членови од семејствата на лицата кои се хоспитализирани веќе дошле во болницата.
Заев рече дека министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски го информирал дека превозникот е „Беса транс“, кој стандардно и најчесто вози туристички тури на релација Истанбул – Софија – Скопје. А пред канцеларијата на превозникот во Скопје, роднини и пријатели на луѓе кои биле во Истанбул, се собираат за да дознаат повеќе информации за нивните блиски, но канцеларијата е затворена.
Пораки за сочувство испраќаат и македонски функционери и опозициски политичари, а пораки со жалење испратија и властите на соседните земји и еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји.