Австрија најави целосно „заклучување“ на јавниот живот за 10 дена, односно забрана за слободно движење, откако немирите и протестите против новите ограничувања се шират низ Европа. На 8,9 милиони австриски жители од денеска нема да им биде дозволено да излегуваат од дома, освен да одат на работа, да купуваат неопходни работи и да вежбаат. Рестораните, баровите, фризерите, театрите и продавниците и другите услужни дејности кои не се неопходни, ќе мора привремено да ги затворат своите врати.
Според новите правила овие ограничувањата ќе траат до 12 декември. Властите најавија дека по 10 дена повторно ќе бидат проценети околностите и потоа ќе биде донесена одлука дали ќе продолжат со вакви мерки или не.
Австрија минатата недела стана првата европска земја која вакцинирањето против ковид-19 го направи законска обврска, а како мерка тоа ќе стартува од февруари. Со тоа Австрија му се приклучи на Ватикан како единствени места во Европа со таква законска обврска за граѓаните.
Ограничувањата предизвикаа жестоки реакции и предизвикаа протести, при што повеќе од 30.000 луѓе излегоа на улиците во Виена изминатиот викенд. Освен во Виена во текот на викендот се одржаа бурни протести и во други делови на Европа.
Во неколку градови во Холандија имаше насилни протести неколку ноќи по ред. Немирите започнаа во Ротердам пред три дена кога полицијата испука предупредувачки истрели и употреби водени топови откако демонстрантите фрлаа предмети, запалија полициски автомобили и оштетија имот во, како што властите го нарекоа „оргија на насилство“. Четири лица за кои се верува дека биле ранети со полициски куршуми се хоспитализирани. За време на викендот во Холандија беа приведени десетици демонстранти, а неколку луѓе беа повредени, вклучително и полицајци.
Холандија воведе тринеделно делумно заклучување минатиот викенд бидејќи бројките на новозаразени со ковид-19 почнаа да уриваат „црни рекорди“ и покрај тоа што 85 отсто од возрасните се целосно вакцинирани.
Демонстрантите, исто така, се против владиниот предлог за воведување пропусница за ковид за оние кои се вакцинирани или закрепнати од болеста. Пропусницата ќе биде потребна за пристап до затворени места, како што се ресторани, кафулиња и барови.
Холандскиот премиер Марк Руте денеска остро ги критикуваше инцидентите нарекувајќи ги „чисто насилство од идиоти“ и најави дека институциите ќе ги гонат одговорните.
Во соседна Белгија, на вчерашниот протест избувна насилство за време на протестите во Брисел кои привлекоа околу 35.000 луѓе против мерките за коронавирус.
Во текот на викендот имаше протести и во Хрватска, Швајцарија и Италија.
Чешка и Словачка им забранија на невакцинираните луѓе да посетуваат пабови и ресторани откако порастот на случаите на ковид-19 ги исполни одделенијата за интензивна нега во болниците.