Во земјава се вакцинирани 48 проценти од полнолетните граѓани што е оптимален процент во сите држави во регионот, но е далеку од она што треба да биде, вели проф. д-р Александра Грозданова од УКИМ и национална координаторка за имунизација. Таа на денешниот онлајн разговор на тема „Имунизација во државава“ посочи дека последните недели државата се соочува со намален интерес за вакцинација и следните чекори се во насока на тоа, како да се подигне свеста кај граѓаните за потребата од имунизација.
Гроданова предупредува дека има најава за сериозен пик и дека е неопходно да се зголеми опфатот на вакцинирани. Професорката Грозданова а додава дека процентот на оние кои самоиницијативно се решаваат за вакцинација се движи околу 50 отсто, а потоа се применуваат мерки за да се стимулира имунизацијата.
„Би била најсреќна кога свеста кај луѓето се поттикнува индивидуално, но тоа не е случај. И овие мерки кои сега се предлагаат, се носат и во други држави. Се надевам дека тоа ќе биде прифатено на позитивен начин. И можеби ни е потребна подобра информативна кампања, малку поголема отвореност, дискусија и да видиме зошто граѓаните не сакаат да се вакцинираат, вели Грозданова.
Таа потенцира дека досега во светот се дадени 7,7 милијарди дози на ковид-вакцини, 53 проценти од светската популација е вакцинирана. Професорката смета дека дел од причината за недоволниотопфат на имунизација се должи на дезинформациите. Според неа најголем проблем е кога дезинфорациите доаѓаат од медицински лица.
„Како здравствен работник, ова ми е болна тема. Овој четврток ќе биде 30-иот семинар за здравствени работници, за едукација за вакцините. Ако здравствените работници се промотори на невакцинирањето, ако не веруваат во науката и медицината, тогаш не би требало да бидат дел од здравството“, смета Грозданова.
Таа потенцира дека за здравствените работници не би требало да се дискутира дали се вакцинирани или не, тие треба сите да се имунизирани. Во земјава тој процент на вакцинирани здравствени работници е околу 75.
Директорката на Комитетот за имунизација нагласи дека сите вакцините се безбедни, но дека кинеските се покажале помалку ефикасни кон делта сојот од мРНА вакцините, па затоа за засилувачка доза се препорачува „Фајзер“.
Во однос на несаканите ефекти, досега во Македонија не бил пријавен случај некој да биде доведен во живото загрозувачка состојба од вакцина.