Вицепремиерот за борба против корупцијата Љупчо Николовски денеска изјави дека не се гледа себеси како кандидат за премиерската функција.
Тој на денешната прес-конференција на која беше презентиран Е-инспекторот, одговараше и на прашања за утрешните закажани состаноци во СДСМ на кои се очекува актуелниот лидер и премиер Зоран Заев да се констатира неговата оставка. Николовски ја извршува и функцијата генерален секретар на СДСМ
Николовски изјави дека нема да биде еден од кандидатите, како одговор на прашањето дали се гледа како наследник на Зоран Заев на премиерската функција.
Заев во петокот најави дека ќе побара од органите на партијата во вторник да биде свикан Централниот и Извршниот одбор за да се констатира неговата оставка и да почне постапката за избор на нов лидер. Идниот лидер, според Заев, би требало да биде и идниот мандатар кој ќе ја состави новата влада.
За изборот на нов претседател на СДСМ и за тоа дали очекува Алтернатива да стане дел од владата, денеска во изјава за новинарите одговараше и потпретседателката на СДСМ и министер за образование Мила Царовска.
„Сите ние заеднички треба да ги следиме овие процеси затоа што тие ниту се наивни и треба сериозно да се разгледуваат затоа што иднината и курсот на државата и развојот нејзин зависат од тие одлуки, изјави Царовска за медиумите по промоцијата на проектот за медиумска писменост „Младите размислуваат“.
Прашана за коментар за оставката на лидерот на СДСМ и премиер Зоран Заев, Царовска одговори дека некои одлуки во дадени моменти покажуваат ширина, а таква е и одлуката на Заев.