Германскиот министер за здравство денеска пред новинарите изјави дека брзиот раст на случи на заразени со ковид значи дека веројатно сите во земјата што не се вакцинирани ќе се заразат со ковид-19 до крајот на зимата, а некои од нив ќе умрат.
Официјалните бројки покажуваат дека во изминатите 24 часа во Германија имало повеќе од 30 илјади нови случаи на заразени со ковид, што е зголемување за околу 50 отсто во споредба со пред една недела. Болниците предупредија дека ковид капацитетите се речиси исцрпени, а некои пациенти мора да бидат префрлени во други клиники.
Министерот за здравство, Јенс Шпан, ги повика Германците да се вакцинираат, вклучително и да примат бустер доза, доколку се вакцинирале пред повеќе од шест месеци, за да се намали ризикот од сериозни болести.
„До крајот на оваа зима речиси сите во Германија ќе бидат вакцинирани, прележани или умрени“, им рече Шпан на новинарите во Берлин.
Тој вели дека за некои овој негов став е циничен, но како што вели, тоа е реалноста, оти со многу заразната делта варијанта на вирусот е многу полесно некој да се зарази, па затоа препорачува итна вакцинација.
Германија очекува Европската унија да одобри вакцини против ковид и за деца на возраст од 5 до 11 години, до крајот на неделата, рече тој. Кај децата на училишна возраст има една од највисоките стапки на инфекција во земјата.
ЕУ ќе започне со испорака на вакцини приспособени за помалите деца на 20 декември, при што Германија првично ќе добие 2,4 милиони дози, рече Шпан.