Претседателски избори во Бугарија - Радев прогласи победа, ГЕРБ призна пораз

Актуелниот бугарски претседател Румен Радев

Румен Радев ја објави победата на претседателските избори во Бугарија. Тој им се заблагодари на сите соработници и истакна дека победата покажала дека демократскиот процес функционира во Бугарија. Неговиот противкандидат, поддржан од ГЕРБ на Бојко Борисов, Анастас Герџиков, го призна поразот на претседателските избори и му честиташе на Радев, објави бугарскиот сервис на Радио Слободна Европа (РСЕ).

Денеака во Бугарија се одржа вториот круг од претседателските избори меѓу шефот на државата Румен Радев и неговиот противкандидат Анастас Герџиков. Во првиот круг пред една недела Радев освои 49,42 отсто од гласовите, додека ректорот на софискиот универзитет остана втор со поддршка од 22,83 отсто.

Вечерва од партијата ГЕРБ признаа дека изгубиле на претседателските избори бидејќи кандидатот што го поддржале, Анастас Герџиков, не победил на гласањето. Ова за Радио Слободна Европа го изјави членот на Извршниот комитет на партијата Деница Сачева, која додаде дека ги прифаќа резултатите, објави бугарскиот сервис на РСЕ.

Видете и ова: Борисов го обвини Радев дека ја скарал Бугарија со сите соседи

Кирил Петков и Асен Василев од „Промената продолжува“ му ја честитаа победата на Румен Радев на претседателските избори.

Резултатите од паралелното броење ја потврдуваат убедливата победа на Румен Радев на изборите. Според Галуп, во 100% од паралелно пребројување, Румен Радев освоил 66,4% од гласовите, а Анастас Герџиков - 31,9%. Според агенцијата, излезноста е 31,6%, што е рекордно ниско ниво во историјата на претседателските избори.

Според Алфа Рисрч, во 80 отсто од паралелното пребројување, Румен Радев добил 66,4 отсто од гласовите, а Анастас Герџиков 32,3 отсто. Според нивните податоци, излезноста е 32,3%.