Верувам дека Градот Скопје и новата локална власт ќе ја променат одлуката за запирање на проектот за брз автобуски превоз после сознанијата кои ќе ги добијат за бенефитите од воведувањето на ваквиот превоз во Скопје, порача министерот за транспорт и врски Благој Бочварски.
„Ова е проект кој е планиран неколку години и согласно одлуките во Град Скопје е поднесено барање во Владата за изнаоѓање средства за финансиска поддршка за што се завршени постапките и се обезбедени средства, а и во Собранието е поминато и одобрено задолжувањето со кредит од 70 милиони евра преку ЕБРД. Проектот е одлично оценет од меѓународните експерти дека со него се решава едно големо прашање. Затоа е добро да не се брза со таквите одлуки зашто носи многу бенефити, а и не видовме аргументи од другата страна зошто се запира проектот за брз автобуски превоз“, рече Бочварски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција во Владата.
Според него, доколку се донесе таква одлука, таа треба да биде поткрепена врз база на студии, анализи и експертски сознанија зашто сметаме дека Скопје го има надживеано традиционалниот сообраќај и му е потребен алтернативен транспорт за кој веќе се обезбедени средства и е распишана постапка за проектирање и градба.
Тој информира дека буџетот на министерството за 2022 година е позициониран на ниво од 11,865 милијарди денари, од кои 10,885 милијарди денари се наменети за реализација на капитални проекти. Со него се предвидуваат инвестиции во делот на патната мрежа, железницата, гасификацијата и комуналната инфраструктура. Дури 91,7 отсто од средствата се наменети за капитални проекти, информира Бочварски.
„Капитален проект на кој ќе посветиме големо внимание е изградба на железницата кон Бугарија. Силен фокус даваме на доизградба на автопатските делници на коридорите 8 и 10 д, а изградбата на магистралните гасоводи остануваат приоритет и за следната година. За поквалитетен живот на граѓаните продолжуваме со изградба на канализации и водоводи во општините“, рече Бочварски.
Тој додаде дека експропријацијата на првата фаза од автопатската делница Скопје- Блаце е целосно завршена, градбата, како што рече, се одвива со добра динамика и очекува наредната година да биде готова.