Мицкоски не очекува Заев да поднесе оставка

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски не очекува премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев, да поднесе оставка на функцијата. Според него, Заев многупати во минатото не го исполнил тоа што го рекол. Во однос на тоа кој треба да го наследи Заев од лидерската функција во СДСМ и би бил нов мандатар, Мицкоски во Охрид рече дека не е негово да се меша во внатрешните работи на противничката партија, оти во СДСМ сами ќе си донесат одлука како понатаму и со кои кадровски решенија.

Мицкоски притоа аплеираше и до новата влада во соседна Бугарија да ги заборави хегемонистичките барања на нивните претходници и во духот на европските вредности да не ја блокираат државава во почетокот на преговорите со ЕУ, бидејќи, како што рече, државава и народот го заслужуваат тоа.

За енергетската криза тој рече дека од директорките на јавните претпријатија во општините слушнал дека цената на струјата е два до трипати повисока од претходно поради, како што рече, „несовесното работење на нивните претходници“.

„Тоа е сериозен проблем што ќе ги чувствуваат јавните претпријатија и општините, но и компаниите кои тоа го чувствуват од поодамна. Конечно, тоа на крај ќе го почувствуваат граѓаните. Се организираа во картели за да го пљачкосуваат ЕЛЕМ и РЕК Битола, а сега ќе трошат од државните резерви за санирање на финансиската дупка и сервисирање на недостатокот на електрична енергија. Не чекаат тешки времиња, а многу пари на граѓаните наместо за капитални проекти ќе завршат во приватни џебови“, рече Мицкоски.

Според него, инфлацијата веќе е реалност, сите цени на производите се покачени, граѓаните тоа го гледаат секојдневно.