За Полска мигрантската криза е најголем обид за дестабилизација на Европа

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки

Полскиот премиер Матеуш Моравјецки ја нарече мигрантската криза долж белоруско-полската граница „најголем обид за дестабилизација на Европа“ од Студената војна. Моравјецки денеска објави на Твитер дека белорускиот лидер Алаксандар Лукашенко започнал „хибридна војна“ против Европската унија.

Истиот ден, Полска пријави обид на околу 100 „многу агресивни“ потенцијални мигранти да ја преминат границата. Полскиот министер за одбрана Мариуш Блашчак на 20 ноември изјави дека Белорусија упатува мали групи на мигранти да се обидат да преминат истовремено на повеќе точки.

Моравјецки денеска се очекува да се сретне со своите колеги од Летонија, Литванија и Естонија за да разговараат за ова прашање. Западот го обвини Лукашенко дека ја „вооружува миграцијата“ со тоа што носи потенцијални мигранти во Белорусија и ги охрабрува да се обидат да ја преминат границата во Полска.

Белорусија го негира обвинението и ја критикува ЕУ дека не ги прифаќа мигрантите. Во интервју за Би-Би-Си на 19 ноември, Лукашенко призна дека е „апсолутно можно“ неговите безбедносни сили да им помагале на мигрантите, но негираше дека неговата влада ги донела во Белорусија.

„Не ги поканив овде“, рече тој.