Поранешниот грузиски претседател го прекина штрајкот со глад

Михаил Сакаашвили

Поранешниот претседател на Грузија, Михаил Саакашвили е преместен во воена болница и ќе го прекине 50-дневниот штрајк со глад, соопшти неговиот адвокат и лекар. Саакашвили беше однесен од затворската клиника во воената болница во градот Гори, поради зголемената загриженост за неговото здравје. Претходно, адвокатот Ника Гварамиа изјави дека 53-годишникот се согласил да го прекине штрајкот со глад доколку биде однесен во воена болница.

„Саакашвили се согласи да биде префрлен во воената болница во Гори и ќе го прекине штрајкот со глад веднаш штом ќе биде хоспитализиран“, рече Гварамиа.

Неговиот личен лекар, Ноколоз Кипшиџе, рече дека Саакашвили бил подложен на голем број тестови кога пристигнал во единицата за интензивна нега на воената болница. Тој рече дека состојбата на поранешниот претседател е стабилна, но сериозна.

Саакашвили бараше да биде однесен во цивилна болница, што владата го одби, тврдејќи дека неговите приврзаници ќе упаднат во таков објект. Наместо тоа, владата предложи Саакашвили да биде преместен во воената болница во Гори, која се наоѓа на околу 70 километри од главниот град Тбилиси.

Еден ден претходно, Саакашвили изгуби свест и падна за време на посетата на неговиот адвокат во затворската болница каде што беше префрлен пред повеќе од 10 дена.

Медицинскиот панел формиран од Канцеларијата на јавниот бранител оваа недела соопшти дека здравствената состојба на Саакашвили е „критична“ и препорача тој да биде префрлен од затворската болница во цивилна единица за интензивна нега каде што ќе може соодветно да се лекува.

Комитетот рече дека Саакашвили страда од бубрежни и невролошки проблеми. Зборувајќи со новинарите претходно на 19 ноември, американската амбасадорка во Грузија, Кели Дегнан, ја нарече состојбата на Саакашвили „критична“, велејќи дека на екс-претседателот потребна му е целосна грижа.

Саакашвили, кој го основа главното опозициско Обединето национално движење, беше уапсен на 1 октомври кога се врати по осумгодишно отсуство за да ја собере опозицијата пред локалните избори. Потоа започна штрајк со глад. Илјадници негови приврзаници секојдневно организираат протести против неговото апсење.

Саакашвили, кој беше претседател од 2004 до 2013 година, беше осуден во отсуство во 2018 година за злоупотреба на власта и за обид за прикривање докази за претепување на опозициски пратеник.

Тој во моментов се соочува со три одделни кривични пријави поврзани со насилно растурање на протести на опозицијата во 2007 година, наводна проневера на државни средства и илегално преминување на државните граници кога се вратил во Грузија. Саакашвили вели дека сите обвиненија против него се политички мотивирани.