Во Клубот на пратениците во Скопје попладнево се одржува средбата на премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши, на која, како што е најавено, треба да се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влегување во Владата. Заев, кој ја најави својата оставка од премиерската и лидерска позиција по поразот на локалните избори од ВМРО-ДПМНЕ на средбата дојде придружуван од заменик министерот за финансии Димитар Ковачевски.
Вчера телевизијата 21 повикувајќи се на свои неименувани извори јави дека Заев на денешната средба со Гаши во Клубот на пратеници ќе се појавел со новиот мандатар и веројатно кандидат за лидер на СДСМ, но од партијата нема официјална потврда на ваквите гласини.
Координаторот на пратеничката група на СДСМ во Собранието, Јован Митрески синоќа на ТВ 24 рече дека на средбата ќе се разговара со зголемување на новото парламентарно мнозинство.
„Тие преговори ќе продолжат и какви места ќе се понудат за тоа е дадено овластување на Заев од ЦО на партијата и понатаму ќе носиме одлуки низ партиските телата“, изјави Митрески, нагласувајќи дека има и други пратеници со кои се разговара и кои во минатиот период давале поддршка.
Инаку до оваа нова политичка ситуација дојде откако премиерот и лидер на СДСМ Зоран Заев ја најави својата оставка вечерта на 31 октомври. Додека траеа консултациите во неговата партија и со неговите владини коалициски партнери за тоа кој ќе го замени на премиерското и лидерското место во СДСМ, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски објави дека имаат ново парламентарно мнозинство заедно со доскоро владината Беса, Левица, Алијанса за Албанците и Алтернатива.
Поднесоа иницијатива за гласање на доверба на владата која минатиот четврток не помина во Собранието откако пратеникот од Беса Кастриот Реџепи не дојде на седницата па немаа мнозинство. Заев најави дека ги става оставките во мирување до стабилизирање на состојбата, а најавено е и зголемено владино мнозинство во кое се споменува Реџепи и досега опозициската Алтернатива која има четири пратеници.