Стотици демонстранти денеска се собраа во главниот град на Грузија, Тблиси за да бараат пренесување на затворениот поранешен грузиски претседател Михаил Саакашвили во цивилна болница поради стравувањата за неговото здравје откако тој почна со штрајк со глад. До денешниот протест доаѓа откако министерот за правда Рати Брегадзе рече дека владата предлага Саакашвили да биде пренесен во воена болница. Барањето поранешниот претседател да биде пренесен во цивилна болница владата го одбива наведувајќи дека неговите поддржувачи би упаднале во неа.
Саакашвили беше уапсен на први октомври за наводен илегален влез во Грузија кога се врати по осумгодишно отсуство. Тој беше претседател од 2004 до 2013 година, ја напушти земјата набргу по претседателските избори во 2013 година и беше осуден во отсуство во 2018 година за злоупотреба на власта и за обид да ги прикрие доказите за претепување на пратеник од опозицијата.
Неговиот адвокат вчера предупреди дека поради штрајкот со глад привремено ја изгубил свеста, но Казнено-поправната служба подоцна објави соопштение во кое инсистираше на тоа дека Саакашвили е во стабилна состојба.
Претходниот ден, медицинскиот панел формиран од Народниот правобранител наведе дека здравствената состојба на Саакашвили е „критична“ и препорача тој да биде префрлен во цивилна болница на интензивна нега каде што би можел соодветно да се лекува. Но, грузиските власти ја нарекоа проценката „лажна“ и одбија да ги следат препораките.