За три години во БиХ нелегално влегле повеќе од 84 илјади мигранти

Мигранти во БиХ

Во Бoсна и Херцеговина денеска се отвора новиот центар за мигранти Липа, со капацитет за сместување до 1.500 лица. Центарот се наоѓа меѓу Бихаќ и Босански Петровац.

„Центарот ќе обезбеди сместување и за семејства со деца, деца без придружба и самци“, соопшти Министерството за безбедност во Советот на министри на Босна и Херцеговина.

Во БиХ денеска завршува регионалната конференција за миграција во организација на Министерството за безбедност. Министерот за безбедност Селмо Чикотиќ изјави вчера дека од 2018 година до денеска во земјата нелегално влегле повеќе од 84 илјади мигранти. Тој рече дека земјата е погодена од мигрантските текови, дека тие ја користат БиХ како транзитна земја, но дека околу 3 проценти од нив поднеле барање за азил.

Според податоците на Министерството за безбедност низ БиХ во прифатните центри моментално се сместени 1200 мигранти, а во два прифатни центри во Сараево има околу 1800 луѓе.
Регионалната конференција се одржува од 17 до 19 ноември.