Ковид-сертификатот на ЕУ истекува 12 месеци по втората доза на вакцината

Ковид-сертификат на ЕУ

Европската комисија денеска, како што јавува порталот Еуроактив, повикувајќи се на извори во Брисел, треба да предложи да се продолжи важноста на сертификатот за ковид-19 за патување во ЕУ. Според изворите, сертификатот ќе престане да важи една година по примањето на последната доза од вакцината. Засега не е јасно дали предлогот на Комисијата ќе има форма на делегиран акт или препорака. Се наведува дека членките на ЕУ во принцип се согласуваат со ставот на Комисијата, но дека не сакаат да прават „премногу врева поради тоа“, имајќи предвид дека некои од нив имаат голем број невакцинирани лица.

Шведска го прифати европскиот тренд, усвои пропусница за вакцинација против ковид-19

Романија, Бугарија, Унгарија, Чешка и Грција веќе нудат трета доза од вакцината за граѓаните од сите возрасти. Белгија штотуку се приклучи на таа група земји, која третата доза ќе почне да ја дава на општата популација на почетокот на 2022 година. Други земји препорачаа трета доза за постарите лица и оние со здравствени проблеми. ЕУ деновиве бележи значително зголемување на бројот на заразени и починати од ковид-19.

Колективен ковид имунитет или вирусот станува ендемски

Податоците од Европскиот центар за превенција и контрола на болести (ЕЦДЦ) покажуваат дека ситуацијата е особено тешка во источните земји-членки на ЕУ, каде што стапката на вакцинација е ниска. ЕЦДЦ предупреди дека земјите со покриеност со вакцини околу или под просекот на ЕУ „имаат висок ризик од значително зголемување на случаите, хоспитализацијата и смртните случаи од сега до крајот на ноември“. Американската агенција за храна и лекови (ФДА) исто така размислува да даде „бустер“ доза на вакцината „Фајзер“. Светската здравствена организација (СЗО), сепак, категорично се противи на давањето на третата доза, бидејќи сиромашните региони во светот сѐ уште ги чекаат првите дози.