Политика и ракија

МАКЕДОНИЈА - Апелациониот суд Скопје денеска до Основниот кривичен суд Скопје го достави решението со кое на обвинетиот во повеќе судски предмети Миле Јанакиески, му ја укинува мерката куќен притвор и му ја заменува со мерка претпазливост.

МАКЕДОНИЈА - Премиерот и лидер на СДСМ, Зоран Заев на 19 ноември ќе се сретне со претседателот на Алтернатива, Африм Гаши на која треба да се разговара за можноста за приклучување на пратениците на Алтернатива во парламентарното мнозинство и за влез во Владата. Од СДСМ за МИА потврдуваат дека средбата треба да се одржи во 15:30 часот во Клубот на пратеници.

МАКЕДОНИЈА - Австрија бара ЕУ да почне преговори со Северна Македонија во декември. Тоа прашање го поставуваме интензивно пред нашите партнери во ЕУ, рече денеска министерот за европски и меѓународни работи на Австрија, Михаел Линхарт на денешната прес- конференција во Скопје. Линхарт одржа заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

РОМАНИЈА - Четворица луѓе, меѓу кои една жена, загинаа, а четворица други се повредени во експлозија на противпешадиска мина во фабрика за муниција во јужна Романија, објавија локалните медиуми.

ГРЦИЈА - Грчката Влада денеска им нареди на лекарите од приватниот сектор во пет региони во северниот дел на земјата да помогнат во јавното здравство кое се бори со зголемен број на инфицирани лица со ковид-19.

БУГАРИЈА - Постојаниот секретар на бугарското Министерство за надворешни работи Иван Кондов денеска ја повика на средба амбасадорката на Турција во Софија Ајлин Секизкек поради мешање на Турција во парламентарните и првиот круг од претседателските избори, соопшти Министерството за надворешни работи на Бугарија.

РУСИЈА - Најмалку пет луѓе загинале во рускиот град Перм откако испиле контаминиран алкохол, соопштија тамошните власти. Ова е последниот од низата настани предизвикани од конзумирање на отровен алкохол.

УКРАИНА - Украинскиот претседател Володимир Зеленски го поддржа наметнувањето санкции за 28 членови на руските разузнавачки и специјални служби, како и за уште шест лица за кои се тврди дека се одговорни за кршење на човековите права на Крим.
Зеленски денеска го потпиша Указот за санкциите, се наведува во соопштението објавено на веб страницата на претседателот.

ПАКИСТАН - Пакистанските пратеници усвоија закон со кој се овозможува хемиска кастрација за сериски силувачи. Носењето на закон е поради зголеменото барање на јавноста за акција од страна на властите по неколкуте случаи на силување и сексуална злоупотреба на деца.

ПОЛСКА / БЕЛОРУСИЈА - Полската војска денеска соопшти дека привела група од околу 100 мигранти кои во текот на минатата ноќ ја преминале границата со Белорусија. Полската војска ги обвинува белоруските вооружени сили дека командувале со оваа операција, пренесува АФП.