На конститутивната седница на Советот на Општина Тетово за претседател беше избран Бесарт Дурмиши од Движење Беса. Тој беше избран со 16 гласа „за“ – осум од советници на Беса, четири на ВМРО ДПМНЕ, двајца од Алијанса за Албанците и двајца советници од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“. Немаше гласови против, а воздржани беа 14 советници – десет од ДУИ, двајца од СДСМ и по еден од Алтернатива и ДПА.
Во текот на дискусијата, советникот Илија Димитриевски од СДСМ предложи Ангел Карапетров од ВМРО-ДПМНЕ да биде претседател на Советот, но тоа не беше ставено како предлог за гласање.
Советниците од граѓанската иницијатива „Подобро за Тетово“ посочија дека нивното гласање за избор на Дурмиши не значи дека постојано така ќе гласаат туку дека ќе одлучуваат засебно на секоја седница.
Новиот претседател на Советот, Бесарт Дурмиши, е роден 1990 година, завршил Економски факултет насока сметководство и финансии.
За градоначалник на Тетово беше избран лидерот на Беса, Билал Касами, кој ја победи досегашната градоначалничка Теута Арифи од ДУИ.