Османи и Линхарт се надеваат на почеток на преговори во декември

Средба во Скопје на министерот за надворешни работи Бујар Османи и сојузниот министер за европски и меѓународни работи на Република Австрија, Михаeл Линхарт

Австрија бара ЕУ да почне преговори со Северна Македонија во декември. Тоа прашање го поставуваме интензивно пред нашите партнери во ЕУ, рече денеска министерот за европски и меѓународни работи на Австрија, Михаел Линхарт на денешната прес- конференција во Скопје. Линхарт одржа заедничката прес-конференција со министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Според австрискиот министер оној што го исклучува Западниот Балкан, ја ослабува Европа.

Тој оцени дека започнувањето преговори во декември не е важно само за Северна Македонија и за Албанија, туку тоа може да има позитивни влијанија за целиот регион на Западен Балкан.

Линхарт посочи дека се додека земјите од Западен Балкан не се членки на Европската унија, се дотогаш ЕУ не го завршила интегрирањето и оти Западниот Балкан е дел од Европа.

И министерот Османи вели дека декември сѐ уште останува добар прозорец за отпочнување на преговорите со ЕУ.

Последната блокада за почетокот на преговори е од Бугарија, која ја обвинува Македонија дека ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.