Лорер - 14 декември не е реалистичен рок за целосен договор со Македонија

Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“

Четарнаесетти декември не е реалистичен рок за постигнување на целосен договор со Македонија изјави Даниел Лорер од коалицијата „Промената продолжува“ за БТВ радио. Лорер се смета за најсериозен кандидат за министер за надворешни работи на Бугарија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, според Лорер, ако биде оставена единствено историјата да ги движи преговорите меѓу Бугарија и Македонија, тоа нема да биде доволно добар резултат за двете страни.

Според Лорер, ќе бидат отворени и дополнителни дискусии во однос на економскиот напредок меѓу двете земји.

„Почитувањето на правата на македонските Бугари е од првостепено значење, рече тој и посочи дека претстојат преговори врз база на факти, а не на шпекулации доколку тие права биле повредени. А разговорите за историјата ќе се движат напоредно, така што и Софија и Скопје ќе бидат задоволни“, додаде Лорер.

Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека Македонија ја краде бугарската историја и дека македонскиот јазик е дијалект на бугарскиот.