Германија го покрена прашањето за санкции против функционерите на Република Српска кои го загрозуваат Дејтонскиот договор во органите на Европската унија, дознава Радио Слободна Европа од дипломатски извори во Брисел.
Германија всушност побарала од Европската служба за надворешни работи да подготви документ со предлози за санкции против функционерите на овој ентитет.
Прашањето било дискутирано на состанокот на политичкиот и безбедносен комитет на ЕУ на ниво на амбасадори на земјите-членки на ЕУ, кој се одржа денеска. Како што ни потврдија, иницијативата била силно поддржана и истиот документ официјално го бара и Чешка.
Сепак, повеќе извори на РСЕ од оваа средба потврдија дека ваквата иницијатива наишла на силен отпор од Унгарија. Унгарскиот премиер Виктор Орбан на 6 ноември се сретна со членот на Претседателството на БиХ, Милорад Додик. Тие се сретнаа во, како што е наведено, „пријателска посета“ организирана во Лакташи, околу двесте километри северно од главниот град Сараево, кој Орбан никогаш официјално не го посетил.
- САД се подготвени да се спротивстават на обидите за поделба на БиХ
- Вучиќ на средба со Додик - Србија го поддржува Дејтонскиот договор
Инаку подготовката на документ за опциите за санкции што треба да ги изврши Европската служба за надворешни работи е редовна процедура која мора да се следи кога ќе се покрене прашањето за санкции против една земја или субјект на ниво на ЕУ.
Подготовката на овој труд во процедурална смисла не бара едногласност на земјите-членки на ЕУ. Сепак, како што ни објаснија дипломатски извори, Европската служба за надворешни работи би сакала поддршка од сите членки за да се излезе со документ и предлози, бидејќи се смета дека доколку нема согласност во оваа почетна фаза тогаш тоа е веќе индикација во која насока би се разговарало за санкциите на повисоките нивоа на ЕУ, вклучително и министрите.