Славески претседател на Советот на Град Скопје, за него гласаа и Левица и ДОМ ЛДП

Трајко Славески

Нов претседател на Советот на Град Скопје ќе биде професор Трајко Славески од ВМРО-ДПМНЕ. На денешната седница се верификуваа и мандатите на новите 45 советници. За Славески гласаа 26 советници. Славески освен од советниците од својата матична партија, доби поддршка и од советниците од Алијанската за Албанците и Алтернатива, со кои заедно настапија на изборите.

За Славески гласаа и четворицата советници од Левица. Но советникот Реџеп Исмаил од Левица рече дека ова е само поддршка за избор на претседател, но не значи коалиција или постојано мнозинство во Советот.

Новиот претседател на Советот доби поддршка и од двајцата советници од ЛДП ДОМ. И советниците од ЛДП ДОМ велат дека гласале за Славески за да има конструктивен Совет, но дека нема да бидат во коалиција со мнозинството.

Советниците од СДСМ гласаа против или беа воздржани.

Советите на општините беа избрани во првиот круг на локалните избори кои се одржаа на 17 октомври.

Славески во обраќањето на седницата рече дека еден од приоритетите на Советот и на градоначалникот е да се добијат ефикасни јавни претпријатија и институции.

Мандатот на советниците трае четири години.