Синдикатите реагираа по предлозите што денеска ги соопшти министерот за здравство за примена барем една доза на вакцина за вработените во јавните институции, локалната самоуправа и другите државни органи.
Од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) велат дека вакцинацијата мора да биде резултат на лична определба на работниците и не смее да се спроведува со присила.
И Конфедерацијата на слободни синдикати (КСС) вели дека со предложените мерки се кршат основните човекови права и се бара Владата да размисли пред да ги донесе.
„Вакцинирањето треба да е личен избор, а не да се наметнува со мерки, како што тоа сака да го наметне Комисијата за заразни болести на чело со министерот за здравство Венко Филипче. Предлогот на Комисијата, трошоците за ПЦР тестовите да бидат на трошок на вработените за нас е неприфатлив, со оглед на тоа дека над 80.000 вработени во јавниот сектор се на минимална плата која не е доволна да се преживее во текот на месецот“, наведува КСС во реакцијата.
Доколку бидат прифатени предложените мерки, КСС најавува дека ќе ги искористи сите синдикални мерки што и се на располагање за да не се применуваат.
Предлозите што денеска ги соопшти министерот за здравство, доколку се усвојат би важеле за вработените до државните институции и за здравствените работници, а министерот изрази надеж дека и приватните компании ги прифатиле тие мерки.
Од Стопанската комора на Северна Македонија бараат да се воведе задолжителната вакцинација и во приватниот сектор. Само така, смета Лп,прата, ќе се постигнат колективни резултати во борбата со вирусот, но и ќе се овозможи континуитет на деловните процеси.
Комисијата за заразни болести денеска одлучи да и предложи на Владата нови мерки со кои сите вработени во јавниот сектор и во локалната самоуправа при одење на работа ќе треба да приложат потврда за примена најмалку една примена вакцина, негативен ПЦР тест кој ќе важи најмалку 72 часа и ќе биде направен на сопствен трошок, потврда за прележан ковид не постар од 45 дена или потврда од лекар специјалист дека не можат да примат вакцина поради ретки имунолошки состојби.