Изетбеговиќ и Човиќ во пензија со отпремнина од по 15 илјади евра

Претседателот на владејачката бошњачка Странка за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ,

Претседателот на владејачката бошњачка Странка за демократска акција (СДА) Бакир Изетбеговиќ, претседателот на владејачката Хрватска демократска заедница на Босна и Херцеговина (ХДЗ БиХ) Драган Човиќ, потпретседателот на владејачкиот Сојуз на независни социјалдемократи (СНСД) Никола Шпириќ, како и претседателот на главната опозициска Српска демократска странка Мирко Шаровиќ во текот на оваа година го прославија 65-годишниот роденден и „по сила на закон“ заминаа во пензија.

Со тоа, како пратеници, стекнаа право да им се исплатат по шест просечни пратенички плати, односно по околу 15 илјади евра за отпремнина, потврди Заедничката комисија за административни работи на Парламентарното собрание на БиХ за Радио Слободна Европа.

Тие не можат да се откажат од отпремнините според важечките закони во чие креирање и самите директно или индиректно учествуваа. Веднаш откако ќе им се издадат решенија за пензија и ќе им се исплати отпремнина, тие го продолжуваат работниот однос како пратеници.

Заедно со платите кои изнесуваат околу 3000 евра, според законот, дополнително примаат и пензии, како „стекнато право кое не може да им се ограничи или одземе“.

Пратеникот не може однапред да се одрече од правото на отпремнина, затоа што тоа право го стекнува дури откако ќе му прекине работниот однос, велат во административната комисија.

Досега имаше обиди за намалување на отпремнината, но пратениците гласаа против.